wrapper

Флеш вести

Четврток, 20 Април 2017 18:51

Национализмот е алатка за создавање хаос

Во последно време се забележува будење на стариот „тренд“, со кој повторно се рециклира општествениот феномен наречен - национализам. Сѐ почеста е употребата на националистичката реторика во балканските земји.

Едни политички аналитичари го земаат тоа „со лесно“, па тврдат дека етноцентричната и националистичка реторика е само маневар што го користат некои политичари за да добијат гласови на избори или за да го одвлечат вниманието од економските проблеми на земјите што ги раководат. Други аналитичари, пак, тврдат дека е тоа реален начин на размислување на таквите поединци, државни лидери во одделните земји во регионот, кои сеењето на национализмот го користат како ефикасна алатка за создавање анимозитет меѓу етничките колективитети, за да креираат хаос во општествата што имаат мултинационален карактер. 

Национализмот не оди сам по себе и за себе. Тој е еден сложен и ретрограден општествен феномен, кој врзува за себе низа негативни појави, како што се дискриминацијата и разделувањето на граѓаните по етничка, па дури и по верска основа, раѓање омраза, национална исклучивост, стремеж кон одделување во самостојна област или држава и распаѓање на постојните, што само по себе доведува до реакции на судир внатре во државите, но и пошироко, односно регионално. 
На појавата на сѐ позачестениот национализам во регионот неделава предупреди и грчкиот премиер Алексис Ципрас, по неговата средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

- Балканските земји треба да ги почитуваат добрососедските односи и да престанат со национализмот. Верувам дека европската перспектива за Балканот и треба да ги дистанцира овие земји од национализмот, тие да ги почитуваат принципите на добрососедските односи и на човековите права - изјави Ципрас.
Според мислењето домашните, но и регионалните експерти, земјите во регионот страдаат од национализам, без разлика дали тие се кандидатки или, пак, се членки на Европската Унија и на НАТО. Според нив, настани што го брануваат Балканот и во кој се проткајува националистичка компонента се: албанската платформа во Македонија, релациите меѓу Приштина и Белград, можноста за отцепување на Република Српска од Босна, воените вежби на грчко-албанската граница и обележувањето на границите меѓу Косово и Црна Гора, кои во последно време имаат заедничка националистичка каписла што се активира во дневната политика по потреба на локаните политичари.
Иако насилниот потенцијал на национализмот на Балканот никогаш не треба да се игнорира или запостави, некои експерти тврдат дека провокативната реторика е метод што го користат политичките елити во сите балкански земји, за манипулација со јавноста во своја корист.

Политикологот Милан Стефаноски вели дека општествено неодговорните политичари на Балканот пласираат националистички и сепаратистички идеи како виртуелна замена за подобар животен стандард на граѓаните. 
- Наместо повеќе вработување и подобра економија, политичарите од регионот што го користат национализмот во своите реторики зборуваат за приграбување територии за федерализација на соседни држави, за редефинирање на балканските односи и многу други теми - вели Стефаноски.
Според него, национализмот е главна алатка за градење моќен национален идентитет на празен стомак, а меѓуетничките односи и поранешните војни од 1990-тите се користат за исполнување на целите на национализмот.

Како класичен пример на неодговорен политичар што го користи национализмот, Стефаноски го истакнува дејствувањето на албанскиот премиер Еди Рама, кој со големоалбански сеништа се бори за домашни гласови, притоа истовремено непочитувајќи ја волјата на опозицијата во Албанија, без која сака во моментов да спроведе избори во сопствената држава.
- На овој начин, кој е сега евидентен најмногу во Албанија, лошите економски резултати на владата на Рама и сиромаштијата во земјата се покриваат со разгорување на националистичките и меѓуетничките страсти за големи држави на Балканот, отсликани со платформата на албанските партии во Македонија, зачестените изјави за т.н. дискриминација на албанските Чами во Грција и веењето на албанското знаме преку дрон во Белград на фудбалски меч - резимира тој.

Во овој контекст на актуелните случувања, Франс Тимерманс, кој е првиот потпретседател на Европската комисија на овие актуелни случувања во Европа и во Балканот, во своја неодамнешна колумна, публикувана во повеќе светски медиуми, пишува дека Европа треба да преземе нешто ако сака да го избегне ужасниот мамурлак на национализмот.
- Ако луѓето не се чувствуваат заштитено од Европа, тогаш Европа станува дел од проблемот наместо од решението. Луѓето ќе се свртат кон национализам, што тој го споредува со удирање на шишето. Тоа функционира малку како алкохолизмот. Може да се чувствувате добро во вечерните часови, но ќе се разбудите со ужасен мамурлак следното утро - пишува Тимерманс.
Во колумна за „Нова Македонија“ на слична тема, но гледано само во рамките на Србија, белградскиот аналитичар Бошко Јакшиќ пишува дека имајќи го предвид придушеното незадоволство, кое, и покрај стравот и уцените, сѐ почесто се манифестира насекаде низ земјата, власта пред гласањето повторно го активира Косово, што е стар рецепт за „патриотска мобилизација“, која треба да служи како параван за сите неисполнети ветувања и нереализирани реформи.



Фото:
 
 
 
 

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на