wrapper

Флеш вести

Четврток, 20 Април 2017 18:53

Започна изградбата на дел од гасоводот Неготино-Прилеп-Битола

 

Започна изградбата на дел од магистралниот гасовод Неготино-Прилеп-Битола во Тројачката котлина, во близина на Прилеп. Овој гасовод, како што беше речено денеска, чија првична изградба започна во јануари оваа година, ќе биде со должина од 92 километри, а инвестицијата е вредна 36 милиони евра.

На свеченото започнување на изградбата на оваа делница присуствуваше голем дел од бизнис секторот од Прилеп, претставници на локалната самоуправа и на компанијата „Македонски енергетски ресурси“, која е задолжена од Владата на Македонија за изградба на националниот гасоводен систем. Извршниот директор на МЕР, Крсте Миладинов, истакна дека досега во Македонија биле изградени дополнителни нови 115 километри нова гасоводна мрежа.

- Од почетокот на оваа година, освен овие 115, започна изградбата на дополнителни 205 километри гасводна мрежа. Тоа значи дека со завршување на четирите магистрални делници ќе имаме покриеност преку 70 отсто од потрошувачката на природниот гас. Тоа во количини би било околу 900 милиони кубни метри - истакна Крсте Миладинов, извршен директор на „Македонски енергетски ресурси“.

Градоначалкникот Ристески потенцираше дека изградбата на гасоводот е историски и капитален прокет за Прилеп од кој огромен бенефит ќе имаат сите граѓани. Гасоводот треба да биде завршен во 2019 година.

- Гасификацијата за градот ќе значи многу за подобрувањето на квалитетот на живот на сите граѓани, намалување на трошоците за енергенси, подобрување на економијата во градот, заштита на животната средина, а со изградбата на овој гасовод и експресниот пат преку Плетвар ќе се зголеми и конкурентноста за привлекување на домашни и странски инвеститори не само на Прилеп туку и за целиот Пелагониски регион - изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Први кои се планира да се приклучат на гасоводот и кои ќе имаат најголеми бенефити и заштеда на средства за енергија се компаниите.

- Во изминатиов период од 10-тина години, како Управен одбор на Регионалната стопанска комора, имаме одлична соработка на стопански план со градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, донесовме доста заклучоци неопходни за развојот на стопанството во Општината, од кои морам да признаам дека преку 70 отсто од нив веќе се реализирани во државава, дали преку одлуки на Владата или преку Министерставата. Еден од тие предлози кои ги донесовме со градоначалникот беше и гасификацијата на Општината. Гасот е неопходен за стопанството на Општината од повеќе аспекти, а пред се од аспект на заштеда на потрошувачката на горива, а воедно и од аспект и висока еколошка заштита на околината. Колкави ќе бидат заштедите за нас ќе зависи од тоа колкава ќе биде цената по метар кубен на гасот, досега беше варијабилна, но со тек на време и приклучувањето на Македонија не само на гасот од Русија, туку и со приклучување на гасоводите преку Грција од Блискиот Исток можностите за намалување на цената на гасот се реални, што фактички со тој чин економските ефекти може да бидат и подобри од очекувањата - изјави Симон Наумоски, претседател на бордот на директори на „Витаминка“.

Досега со клириншкиот долг се изгради гасоводот Клечовце-Штип, во должина од 61 километар, а со тоа се расчистени долговите на поранешниот СССР во однос на Македонија и инвестицијата изнесува 60 милиони долари. Втор гасовод кој е во понапредна фаза на изградба е делот од Штип-Неготино, во должина од 36 километри кој веќе 65 отсто е изграден и се очекува оваа година Кавадарци да биде корисник на природен гас. Третиот магистрален гасовод е Скопје-Тетово-Гостивар каде се расчистени околу 15 километри од трасата и се праваа подготвителните работи. Четвртиот гасовод пак е овој Неготино-Прилеп-Битола, а наскоро требало да се започне со изградба и на дестрибутивниот систем до граѓаните.

Од МЕР велат дека со подобрувањето на временските услови во периодот кој следува ќе започне и поинтензивна изградба на гасоводите.

 

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на