Спасот за да се натераат иселениците да го научат македонскиот јазик се бара во виртуелно училиште, кое им овозможува на заинтересираните еднаш неделно да следат настава преку Интернет од дома
Постарата генерација македонски иселеници зборуваат мешан јазик, а младите не одат да го научат. На ова се пожалија претставниците од дијаспората на годишната конференција на иселеничките организации, која почна вчера во Скопје. На конференцијата се дискутираше за изучување и за негување на македонскиот јазик. Дел иселеници во Канада објаснија дека неделното училиште за македонски јазик го посетуваат само 10-15 ученици, за разлика од порано, кога настава следеле од 100 до 150 деца. И црквата „Св. Климент Охридски“ во Торонто планирала да воведе литургија не само на македонски, туку и на англиски јазик, за да може да ги привлечат помладите. Во Австралија, пак, постои апсурд затоа што, наместо младите да учат македонски, нивните баби и дедовци одат на курс по англиски јазик за да може да се разберат со внуците. Интересот за учење на македонски јазик кај дијаспората треба да се зголеми преку виртуелното школо. Македонските иселеници од септември ќе можат од дома, еднаш неделно да го учат јазикот во виртуелна училница. На овој начин јазикот ќе може да се изучува и во земјите од соседството, кои забрануваат отворање училишта на македонски јазик.
АПСУРД ВО АВСТРАЛИЈА
Баби и дедовци одат на курс за да учат англиски јазик за да може да се разберат со своите внуци, кои не го знаат македонскиот јазик и не посетуваат настава за да го научат. Ваков апсурд постои во Австралија, каде што, како што објаснува Дијана Стериовска од добротворното друштво од Мелбурн, опаѓа интересот за учење на македонскиот јазик. Стериовска објаснува дека и најстарата генерација македонски иселеници во Австралија не го владеат македонскиот јазик поради нискиот степен на образование.
- Австралија дава многу пари за превод на печатени материјали на литературен македонски јазик. Но таквите материјали на еден 70-годишен човек не му значат многу. Така, на пример, на повозрасните им се делеа памфлети за да се едуцираат за дијабетесот, но повеќето од нив не можеа да разберат како да стават инсулин - вели Стериовска.
Таа раскажа и случај за човек што цел живот криел дека е Македонец, сé додека болеста не го открила.
- Неговата сопруга се јави во нашето друштво и праша дали имаме старски дом за да го сместиме, со објаснување дека откако се разболел почнал да зборува јазик што таа не го разбира. Таа викнала грчки преведувач, но тој не можел да сфати на каков јазик зборува нејзиниот сопруг. Жената објасни дека и е жал што тој цел живот криел дека е Македонец и дека би го поддржала доколку го кажел тоа - раскажа Стериовска.
ВО ТОРОНТО ЗА 90 ОТСТО Е ОПАДНАТ ИНТЕРЕСОТ ЗА УЧЕЊЕ МАКЕДОНСКИ
Неделното училиште за изучување на македонскиот јазик во црквата „Св. Климент Охридски“ во Торонто, Канада, кое постои речиси 50 години, го посетуваат само 10-15 деца, за разлика од изминатите години, кога во клупите седеле од 100 до 150 деца. Маја Доневска, од литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто, објаснува дека вината за намалување на интересот за учење на македонскиот јазик треба да се бара во родителите.
- Родителите веруваат дека на нивните деца им е полесно да комуницираат на англиски јазик затоа што на овој јазик ја следат наставата на училиште. Но англискиот јазик секако ќе го научат, а ако ние не им го пренесеме македонскиот јазик, нема да го научат. Ако живееме надвор од државава и кажуваме дека сме Македонци, дајте да останеме тоа - вели Доневска, која додава дека во училиштето во Торонто се размислува наставата да се премести од недела во петок, затоа што децата преку викенд повеќе се посветувале на спорт и други активности.
Таа објаснува дека и во црквата „Св. Климент Охридски“ имало идеја богослужбата да се држи не само на македонски туку и на англиски јазик, за да се привлечат помладите, кои не го разбираат македонскиот јазик.
- Зошто тогаш ние сме Македонска православна црква - прашува Доневска.
ОД СЕПТЕМВРИ ВИРТУЕЛНО УЧИЛИШТЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ГРЦИЈА
Преку виртуелно училиште во кое македонскиот јазик се учи во училница на Интернет, Македонците од Грција, Бугарија и од Албанија наскоро ќе можат да ги учат својот јазик, традиција и обичаи. На овој начин, македонскиот јазик без проблем ќе може да се учи во државите во соседството што имаат дискриминаторски однос кон нашиот јазик и не дозволуваат да се отворат македонски училишта. Наставата во виртуелното училиште за Македонците што живеат во Грција се очекува да почне од септември. Македонскиот јазик на Интернет веќе го учат Македончиња од САД, Австралија, Шведска и од Германија. Во пилот-проектот за изучувањето на македонскиот јазик во виртуелна училница од март до јуни годинава биле вклучени 16 деца. Од септември, како што објаснува основачот на училиштето, Митко Јованов, се очекува виртуелната настава за учење македонски јазик да ја следат околу 100 деца од дијаспората.
- До овој момент за следење на наставата од септември се пријавија 57 деца, а откако ќе го објавиме конкурсот, очекуваме дека ќе се пријават над 100 деца - вели Јованов.
Во просек во една паралелка наставата ја следат околу пет деца, кои на крајот од учебната година добиваат тестови за проверка на знаењето. Во виртуелната училница каде што им предаваат професори, децата на возраст од 6 до 15 години ќе можат да го учат македонскиот јазик од дома, еднаш неделно, во термини што ним им одговараат.
- Она што им треба на децата е само компјутер и стандардна интернет-врска. Дисперзираноста на местото на живеење навистина е проблем. Треба да се поминат стотици километри за да се однесат децата на настава - објаснува Јованов.
Кој ќе им го плати авионот на гласачите-иселеници?
Кој ќе ја плати авионската карта на македонските иселеници што живеат во Перт да одат до Сиднеј на гласање? Како ќе се натера некој да патува четири часа со авион за да гласа на избори? Колкав период од годината ќе живее во Македонија, а колкав во Австралија идниот избран пратеник? Кој ќе ја плаќа неговата канцеларија во Мелбурн или во Сиднеј?
Ова се само дел од прашањата што ги поставуваат дел македонски иселеници во Австралија за можноста дијаспората да гласа на следните избори. Неподготвеноста за гласањето на дијаспората неодамна ја потврди и Државната изборна комисија. Изборниот законик предвидува дијаспората да има три загарантирани пратенички места во парламентот, и тоа по еден од Америка, Австралија и Европа. Иселениците на вчерашната годишна конференција кажаа дека не се задоволни со тројца пратеници, туку сметаат дека треба да има пет народни избраници од дијаспората.
Тие објаснуваат дека повеќето од Македонците што живеат на места што се оддалечени од конзулатите нема да бидат заинтересирани да платат авионска карта и да поминат неколку часа во летање, само за да го остварат своето право на глас. Проблем ќе биде и да се утврди и вистинскиот број на Македонци што живеат надвор од земјава.
- Неодамна Собранието донесе одлука првпат во историјата на самостојна Македонија во процесот на гласање, донесување закони и одлучување да бидат вклучени и иселениците. Тоа е прашање што подразбира надминување на претходни проблеми, бидејќи да се стекнете со избирачко право треба да влезете во евиденција, да имате македонско државјанство и да исполните серија процедури - рече заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров. |
| | | | | |
|