|
Напишано од Radio Ilinden
|
|
Среда, 14 Јули 2010 12:38 |
Човекот, пензионер по 40 години поминати на работа во Минхен, верува дека тој и апостолите можат да и помогнат на својата држава. Убаво е да се верува. Само што ќе се случи кога тој и потенцијалните инвеститори ќе се сретнат со шалтерите, митото, неприменливите закони?
Апостоли ќе ја спасуваат Македонија. Тие ќе ја формираат и ќе ја водат партијата Трета опција за Македонија 2003. Таа партија ќе вработи по двајца членови од секое семејство и економски ќе ја прероди државата, објави збунето претставник на Македонците иселени низ Европа, додека гордо и истрајно ја објаснуваше својата идеја, криејќи се од пладневната жештина пред спомениците на Гоце и на Даме на скопскиот плоштад.
Човекот, пензионер по 40 години поминати на работа во Минхен, верува дека тој и апостолите, како што се нарекуваат водачите на партијата, можат да и помогнат на својата држава. Разочарани од ВМРО и од СДСМ, иселениците од европските држави наумиле да се финансираат сами себеси, да го донесат капиталот во Македонија и со парите печалени во туѓина да им помогнат на сонародниците. Убеден е дека на своја страна ќе ги придобие незадоволните од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, 300-те илјади невработени и мнозинството неопределени гласачи, што е огромно членство. Ако, убаво е човек да има некаква цел. И да верува во благородни идеи. Само треба добро да се подготват. Што ќе се случи кога „апостолите“ и потенцијалните инвеститори ќе се сретнат со шалтерите, митото, неприменливите закони, неписмени службеници? Веројатно ќе увидат дека Бог дигнал раце од нас, пред нив да ги испрати на земјата.
Пародиите со формирањето трета политичка опција како да немаат крај.
На секои две години некому му доаѓа да го собере народот и да ги тргне и Бранко и Љубчо. Пардон, и Никола. Последната идеја за „трет пат“ во политиката е една од десетиците слични најави од почетокот на 1990-тите досега. Ниту една не успеа. Сите се приклучија или кон левицата или кон десницата. Секогаш кога избираше правец, „третиот пат“ редовно завршуваше во скутот на едната или другата партија или во слепа улица.
И дејата на иселениците е за поздравување, но засега не се сфаќа сериозно. Сепак, иницијативата не е ниту нова, ниту непозната. Туку, едноставно - неостварлива. Тоа го покажа досегашното искуство. Од плурализмот до денес се изредија политичари, познати и непознати, професори, интелектуалци, уметници, кои најавуваа трета опција на политичката сцена во државата. Никому не му успеа. Ниту на Васил Тупурковски, Павле Трајанов и Љубисав Иванов, кои своевремено се здружија против двете најголеми партии во Македонија. Ниту на Тито Петковски, кога ги повика помалите партии да се обединат, ниту, пак, последниот пример со формирањето на институтот „Демос“. Затоа што на никој од нив „третиот пат“ не му беше прв пат. Напротив, низ тие чудни коалиции на различни идеологии прошетаа лица што претходно беа членови на една, на друга, па на трета партија. Таму беа пратеници, ваму директори... Тоа се луѓе што успеваат постојано да се „реформираат“ околу моќта, парите и функциите. Затоа не можеа да ја реформираат црно-белата политичка сцена на која сé уште доминираат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Сега, по десетиците иницијативи за „трет пат“, дојде ред и на иселениците. Нека се обидат, може тие ќе поминат полесно. Кога веќе државата им даде право да избираат пратеници, нека се вклучат активно и во политичкиот живот во државата. Кај сто партии, таму уште една. Само неразбирливо е објаснувањето на иницијаторите дека нудат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, па и со секоја партија на власт. Како тоа на некој што сериозно размислува да им понуди алтернатива на гласачите, целта му е да се стопи со власта? Тогаш нема да биде трета опција, туку уште еден приврзок на сегашните две. | | | | | | Автор: Сунчица Стојановска Зоксимовска | |
| | | | | | Веста е прочитана: 132 Оценка: 5 | | | | | | | | | | | |
|