radioilinden.com.au

МАКЕДОНКА НЕ Е СЕВЕРИНА ОСВЕН АКО НЕ СЕ ПРОДАДЕ! PDF Печати Е-пошта
Напишано од Radio Ilinden   
Петок, 25 Јуни 2010 06:55

Од кога тоа за Јорго Папандреу, Груевски стана Никола? Станува збор за „блискост“ која Џорџ, син на стариот националист кој во 1995 едвај ја потпиша Времената спогодба меѓу Атина и Скопје, под притисок на Холбрук,  ја манифестира не случајно. Летово се очекува „прифатлив предлог“ од медијаторот Нимиц, кој во октомври ќе се најде на референдум, можно е со нови предвремени избори веднаш по Нова Година, кога земјава евентуално би станала дел од НАТО...

Забрзано се подготвува „пробив“ во спорот за името со Грција.  Ова, како шпекулација од „неименувани дипломатски извори“ или од „извори од грчката или бриселската дипломатија“, деновиве е тема на повеќе медиуми во Македонија и Грција.

Дали станува збор за шпекулација или не, ние реално не можеме да знаеме. Но, според искуството што ни го носат годините и сличните најави, сосема е веројатно, здружената комунистичко-полициско-олигархиска структура во Македонија, соочена со глувчешката дупка во која треба да се сокрие ако Македонија се доведе пред распад, да се решила да одигра уште едно полувреме во интерес на Србија и на Грција – оваа вторава, последниве десетина години главен алиментатор на нивните конта по белосвестките банки и оф-шорни фирми и фирмички.

Се разбира, во таа наметната улога главната ролја треба да му биде препуштена и му е, де факто, на човекот што се уште верува дека владее со Македонија, господинот премиер Никола Груевски и секако, на „најмакедонската“ партија ВМРО ДПМНЕ. Со тоа, здружената комунистичко-полициско-олигархиска елита мисли дека ќе оствари најмалку две-три цели.

 Прво дека ќе успее да преживее со тоа што државата веднаш ќе биде примена во НАТО, а по три до пет години и во ЕУ.

 Второ, дека ќе продолжи да биде алиментирана, како од грчки извори, така и од продолженото крадење на сопствениот народ, преку криминално-коруптивните извори. Од јавните набавки, до продажбата на дрога.

Трето, дека по трет пат за 20 години, ќе покаже оти ВМРО отсекогаш била и е предавничка македонска организација, која кога е на власт во земјата и носи само лошо на Македонија. Прв пат, кога Глигоров мораше да „интервенира“ и да состави „експертска влада во 1991, потоа во 2001 кога ВМРО ДПМНЕ „испровоцира“ војна, која заврши со, де факто, федерализирање на Македонија и еве сега, кога „го шитнаа“ името.

Тоа што оваа бездушна комунистичко-полициско-олигархиска власт не го разбира, е дека со тоа и задава смртен удар на Македонија и оти после промената на името ништо веќе нема да биде како што било, иако државата, во некоја форма, уште извесен број години можеби и ќе постои. Но, да одиме по ред.

Фактори кои „тераат“ на промена на името

Во повеќето „експертски“ ставови и коментари на колумнисти, не само во Македонија, туку во цел свет, ќе сретнете синтагма „дводеценискиот спор за името“ помеѓу Македонија и Грција. Со самото прифаќање на ваквата синтагма и во домашниот„ јавен сообраќај“, несвесно се врти водата на македонска штета.

Имено, на сите нас што мислиме дека имаме барем три грама мозок, јасно ни е дека спорот е вековен, а не дводецениски. За жал, на светот тоа нема кој гласно да му го каже, оти оваа комунистичко-полициско-олигархиска структура, прво, е ем неспособна, а второ, со прифаќањето на предавството од 1949 година, кога се согласија предавничката раководна структура на остатоците на ДАГ да ги здомат во тогашната Социјалистичка Р. Македонија, веќе си ја носат „мувата на капата“.

 Предавството извршено во 1949 не се брише така лесно. Тоа е забележано во светските, српските (југословенските) и македонските архиви и кој сака да прочита и да пронајде за што станува збор, може, т.е. има писани траги. Тука некаде ја лоцираме и основната причина, зошто, уште во почетоците на независноста на Македонија, комунистичко-полициско-олигархиската структура играше меко, попустливо и недостоинствено, а сето тоа ни беше претставувано како „разумно, толерантно и еквидистантно“.

Така дојде и до тоа да се сторат многу тешки грешки, од кои четири се клучни: 

а) промена на два члена од првиот Устав на Р. Македонија кој се однесуваше на грижата на државата за својот народ што како малцинство живее во соседните земји;

б) согласност за прием во Обединетите нации под „привремена референца“ поранешна југословенска Република Македонија,

в) прифаќање да се смени знамето на државата за да се потпише Времената спогодба меѓу „Првата“(Грција) и „Втората“(Македонија) страна, која како што видовме пред повеќе од една година во Букурешт при нашиот обид за прием во НАТО, не вреди ништо;

г) слепило за опасноста, т.е. директна дозвола и лобирање за влез на грчки капитал во сите клучни сегменти врзани за економската стабилност на една земја, во случајов Македонија.

Овие потези, од а до  г, главно се одиграни од 1991 до 2000 година. Се што се случува од тогаш до денес, е само последица на погрешната политика што беше водена од екс-претседателот Глигоров и од владите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ и нивните премиери.

 Дали треба посебно да објаснуваме што значи кога вие, за атер на „достоинството“ на Грција, ќе се согласите да си го менувате уставот и да се откажете од грижата за своето малцинство во соседните земји.

Дали треба посебно да објаснуваме што значи, дека  за атер на Атина, вие ќе го смените знамето, зашто тоа многу ги „навредувало чувствата“ на грчкиот народ, оти и меѓу нив „2,5 милиони се чувствуваат како македонци“. Дали треба посебно да објаснуваме што значи кога на некој што непријателски се однесува спрема вас во билатералните и меѓународните односи, вие му дозволувате да ви ја купи главната банка во државата, да ви влезе во клучните комуникациски услуги, да ви купува витални делови од прехрамбената и преработувачката индустрија, да ви ги држи сопствените граѓани како робови во стотици фирми од текстилната индустрија...за на крај да ви каже пред светот – „Ние сме главните странски инвеститори во ФИРОМ и таму имаме вложено преку една милијарда долари, а повеќе десетици илјади граѓани земаат плати од нашите компании во таа држава“.

Значи да повториме: негативната и погрешна политика е смислено дело на комунистичко-полициско-олигархиските структури што владеат со Македонија, а е водена за време на сите влади на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ, заедно со нивните премиери Бранко Црвенковски, Љубчо Геооргиевски, Хари Костов, Владо Бучковски и Никола Груевски.

Таа погрешна политика резултираше со играње „кур-ташак“ со сопствениот народ, кој се до Букурешт и самитот на НАТО, беше залажуван дека со Грција водиме „разговори“, а не „преговори“, дека ние и 120 и кусур земји сме согласни дека сме Република Македонија, дека можеме во ЕУ и НАТО под референцата ФИРОМ, дека „многу ги мрзиме“ Грците, додека нивните пари и слатки во Скопје ни се ок, итн, итн.

Таа погрешна политика резултираше и со ветувања до Атина дека ќе го смениме името во прифатливо, штом дојдеме на власт. Такво едно беше дадено посредно, при една „опозициска“ посета на делегација на Бранко Црвенковски на Атина во летото 2002 година, на само еден месец пред легендарниот 15-ти септември.

Таа прагматична (читај предавничка) политика, резултираше и со невидена глупост, сите наши видни политичарчиња да решаваат на одмори и викенди да одат во грчките луксузни летувалишта, а притоа, понекогаш, за тамошните шопинзи, да вадат корупциски пари од сметките отворени во грчките баки во Солун, по што, на американската ЦИА не и требаше ни два дена да ги состави коцкичките од мозаикот и да открие кој, колку крадел при продажбите на цементарниците, рафинериите, телекомите, банките, лебарите...

Таа погрешна политика, конечно резултираше и со прифаќење на „патриотските“ совети на разните советници во последниве години и играње на картата – НИЕ СМЕ МАКЕДОНИЈА, НИЕ СМЕ АЛКЕСАНДАР..!

За сето тоа време, државава беше крадена бездушно, а Грците ја чекаа својата шанса, знаејќи што ќе се случи еден ден.

 Држејќи ги клучните лостови во свои раце, учествуваа во пљачката и осиромашувањето на македонските граѓани преку страотно либералната политика на давање кредити секому и секаде со крајно ниски камати и други поволни услови. Сето тоа беше со смислена одлука на нивната главна банка Етники Трапези – сопственик на нашата Стопанска банка, која на годишно собрание на акционери пред повеќе од две години, заклучува дека треба да се продолжи со таквата политика, без оглед на економските аргументи против.

Меѓу клучните лостови беше и „билинг системот“ што едно време го држеше грчки Космофон, имајќи увид во телефонијата на целокупната извршна и законодавна власт. Беа и се смирени Грците, бидејќи пенетрацијата на нивната тајна служба почната со легендарниот Маноли во раните деведесети, продолжи со трик-пребегот на генералот Грилакис во средината на истите тие деведесети и со врбувањето, т.е. подмитувањето на еден куп влијателни луѓе – од лидери на партии и пратеници, до влијателни новинари, адвокати и лекари, процес што се уште е во тек.

Се бара игранка со „среќен крај“

И сега што? Сега Македонија е притисната до крај. Економските перспективи на државата се никакви. Странски инвестиции никој не донесе, ако не се сметаат под тоа пљачкашките пенетрации на српски, грчки и руски фирми, кои купуваа стратешки македонски компании за без пари.

 Демократските процеси кои и онака беа никакви, но чат-пат нешто се правеше за нив под притисок на ЕУ и на САД, се тргнати одново надолу. Фондовските каси од кои се алиментира најголемиот дел од корупциските грабежи се, се попразни, и јасно е, дека Македонија се сочува со економска бесперспективност, од која тешко може да излезе ако не позајмува огромни суми. А такви, во услови на се уште постојната светска економска криза и на услови кога земјата е без перспектива за НАТО и ЕУ, речиси и да нема или има но, со огромни каматни стапки.

Парите од ММФ не ги сакаат затоа што под негов надзор потешко ќе крадат од јавната потрошувачка, а тоа го прикриваат со еуфемизмот „водиме независни економски политики“. Народот, кој вистински искажува што мисли за Грците и за Грција, кога масовно се радува на победата на Аргентина во фудбал, веќе не може да се „попали“ ниту на споменикот на Александар Македонски, планиран да се постави на есен во Скопје. Народот не паѓа веќе ниту на „безвизен режим“, оти џабе му е пасош без визи, кога нема пари ни за безнин и кафе во Солун... 

Соочена со такви услови, комунистичко-полициско-олигархиската структура, е подготвена да прифати промена на името. Причините ги наведовме уште на почетокот на текстот. Она што сега преостанува да се направи, е изведбата. И нормално, тука ќе се глуми драмолетката „предавници-патриоти“, па Бранко ќе го прашува Никола, “дали може земјата да ја воведе во НАТО и ЕУ“, а Никола ќе го прашува Бранко,  “а ти, како мислиш да не однесеш  таму“.

Таквите играни филмчиња сме ги гледале досега повеќе пати. Двајцата, со „мувите на капите“, здушно си помагаат еден на друг, со цел хумореската да заврши, со што помалку последици по нив. Впрочем, исто така е записано, дека и двајцата, пред само нецела година и пол, се согласија да го сменат името, непосредно пред самитот на НАТО во Букурешт, ако таму, тоа беше услов за прием на Македонија. Затоа е смешно што лажат и се препелкаат во сопствените лаги.

Изведбата на промена на името за што преговорите очигледно се во тек, најверојатно ќе оди по следното сценарио:

Во текот на летово ќе дојде „разумен предлог“ од посредникот Метју Нимиц. Овој „разумен предлог“ владата на Никола Груевски ќе се реши да го поддржи, откако ќе ги добие сите гаранции дека тој лично ќе биде прогласен за национален херој од страна на меѓународната заедница. Суштината би требало да биде, име за севкупна употреба, но без менување на устав и без чепкање по јазикот и идентитетот, без условување за промена на признанието на оние 120 и кусур земји, кои што не уважуваат под името Република Македонија.

 Потоа, гаранција за инстант прием во НАТО, односно упатување на покана уште на самитот во Лисабон во ноември и добивање покана за почнување на претпристапните преговори за  членство во Унијата на самитот на ЕУ во декември, кое ќе се случи за три до пет години од почетокот на преговорите.  Со такви гаранции во џеб, Никола е подготвен да го стави тој предлог за новото име, какво и да биде, на референдум, пред кој ќе се претстави како „спасител“ на Македонија и на македонскиот народ.

Дури може и да каже дека тој лично не би гласал, но дека „успеал да го спаси јазикот и идентитетот“ како и тоа дека ја „внел земјата во НАТО и ЕУ“. За време на референдумот може да има, но, не мора, и нови вонредни избори.

Тоа ќе зависи од моменталната проценка, иако, очигледно е, дека извршната власт ги започна сите подготовки на администрацијата за избори. Изборите, ако така проценат повеќе фактори, може да се одржат и во првото полугодие од 2011 година, кога ВМРО ДПМНЕ в џеб ќе ја има поканата за НАТО и почнатите преговори со ЕУ, надевајќи се дека тоа ќе биде победничката карта. Ете, ние мислиме дека така ќе се одвиваат нештата.

Но ниту Никола, ниту Бранко, ниту Љубчо, од кои последниве двајца веќе излегоа со изјави дека за нив е прифатлив предлогот „Северна Македонија“(во која било форма), ниту пак, комунистичко-полициско-олигархиската структура, која ги наполни џебовите со грчки пари и кои стојат, всушност, зад идејата дека треба да го смениме името, не се свесни, оти тоа е кратковида и црна политика за Македонија.

 Nomen est omen

Името не треба ни да помислат да го менуваат, зашто всушност, точна е констатацијата на професорот Ферид Мухиќ, дека Nomen est omen, односно дека секое име, не случајно е дадено, е прифатливо и адекватно за оној на кого му е дадено, т.е. дека името е всушност идентитетот. Името Македонија е многу постаро од Библијата, но се споменува и таму најмалку десетина пати.

Драгите комунисти, џандари и олигарси, треба да знаат, дека Македонија е една и неделива земја. Тоа што по сила на приликите била поделена во 1913 и тоа што поради разни предавнички и некадарни политики, таквата поделба не било можно да се исправи во 1919, во 1945, односно 1949,  па во 1991 да се постигнат истите цели на цивилизаран и култивиран начин, сето тоа, не им дава право сега да го менуваат името на земјата, како последна надеж да владеат и натаму!

Промената на името во име со географска одредница ќе значи легализирање на поделбата од 1913 година.

Промената на името ќе им даде за право на Грците да тврдат дека оној дел што го земаа со насилие и крв до колена, со нечовечка и бескрупулозна колонијална политика, не е дел од единствената Македонија.

Промената на името за нив и за цел свет, автоматски ќе значи дека „номен не е омен“, зашто они цело време тврдат дека се и грци и македонци, а овие горе, во денешнава ФИРОМ, се само флотантна словенска маса која со помош на Коминтерната и Тито станале македонски народ, дури од 1934 година, а прв пат со помош на истите тие комунисти добиле некаква административна самоуправа во рамките на Титова Југославија.

Дури тогаш, ако ни го променат името, тие, грците, ќе имаат право да ги наречат северномакедонски, сите малку преостанати Македонци во Егејска Македонија. Ако го сменат името, тогаш, драгиот ни, источен сосед, Бугарија, нема да сака ни да чуе за некакви Македонци од Пиринска Македонија, исто како што и Албанија, нема да сака да чуе за Македонци кај нив.

 Дури тогаш, ќе настане комплетна конфузија во главите на сите нови генерации Македонци, што како малцинство живеат во нашето соседство, затоа што ќе бидат подложни да поверуваат во лагите дека македонскиот народ е измислен, одроден, неодреден народ - микс на стари срби, стари бугари и стари грци (власи), со сила натерани да бидат Македонци под режимот на Тито и Колишевски.

Да не зборуваме каква конфузија ќе настане во главите на новите генерации Македонци, кои ќе се соочуваат со три-четири типа дефиниции по учебниците за историја( и географија) и дополнително со неизбежните партиски поделби и влијанија од нивните родители.

Конечно, ако некој, кој до сега се вика Македонка, дали ќе треба да се вика „Северина“. За да не се бунат грчињата? Впрочем, на тоа се сведува целава работа. На непристоен предлог. Чиниме, имаше и некој таков филм од Холивуд....

Ете, затоа не треба да се заборави, дека, иако промента на името е последна отстапница за комунистичко-полициско-олигархистичката власт, промената на името е и промена на идентитетот, само по себе!  

Владимир Костовски 

 

Реклами

MakBiz.com.au
Australian Macedonian Business Directory
Барај на MakBiz:   
Банер

Галерија

JA slide show
You are here  : Home Мислења - Став МАКЕДОНКА НЕ Е СЕВЕРИНА ОСВЕН АКО НЕ СЕ ПРОДАДЕ!