| ЗОШТО ЕВРОПА КРЕВА РАЦЕ ОД НАС? |
|
|
|
| Напишано од Radio Ilinden |
| Вторник, 22 Јуни 2010 13:01 |
|
“Европа крева раце од Mакедонија”, беше објавено во македонските весници. Не е ништо чудно, со оглед на тоа што не и е првпат на оваа “умислена голема дама” да крева раце од Македонија, т.е да ги затвора очите пред неправдите.
Па уште и објавија дека Македонија не ги води преговорите со вистинска воља за решавање на т. н. спор со името. Исто така велат дека ние не сме единствена земја која даде многу жртви во војните и не треба да изиграваме ‘жртва‘. Но едно е јасно, ние сме сигурно единствена земја на светот на која сакаат да и го променат името . Дали тие еврокомесари се уморија од работа , вршеќи ја мисијата –‘да и помогнеме на Македонија да си го смени името‘? Навистина овојпат јако запнаа да ни помогнат како никогаш досега. Од надвор гледано , Македонија како да е затворена во својата школка и ‘осудена‘ да се справува со се и сешто само не со тоа што треба.Народот јавно кажува и демонстрира против било каква промена на уставното име Македонија и спрема тоа ‘се надева‘ дека тоа е доволно да им пропадне шансата на ‘креаторите‘ на овој проблем. ‘ да не обезличат. Нападот е најдобра одбрана‘, па затоа сега пак крива е Македонија, ‘не сакала да го реши спорот‘. А во ситуацијата во која сме ставени сите Македонци и дома и во иселеништво, јасно говори за еден голем апсурд, за уште една голема неправда над Македонија. Ставени во ситуација да се ‘ангажираме‘ со едно ново бесмислено нешто. Но сепак доста долго и ‘успешно‘ го правиме тоа. Наместо да се мрдне од место и да се посвети Македонија на економскиот развој кој го придвижува светот, се уште се заплеткува во некои бесмислени ситуации кои како да се намерно ‘наредени‘ да се попречува развојот на земјата. Јужниот сосед можеби банкротира, но успеа да ги блокира сите влезови на Македонија во евроатланските структури. Исто така безмилосно ја промени личната карта за Македонија. Во нивните смислено организирани кампањи, со децении се бореа да ја искриват, да ја украдат нашата античка историја и да го збунат светот. Ако се навратиме назад во периодот 1912-1918 година, за Македонија се пишувало дека е во многу тешка економска положба поради балканските и Првата светска војна – кои оставија вистински пустош. Секоја од земјите кои зграбија дел од Македонија се потруди да примени различни мерки и средства за економско ограбување на населението во Македонија и нејзино економско заоставување (дискриминација). На Македонците во Грција, Србија, Бугарија не им беше дозволено да се декларираат како Македонци, не можеле слободно да го негуваат македонскиот јазик, ниту свјата култура и историја. Сите јавни македонски национални манифестации беа присилно угушувани, а нивните инспиратори и носители постојано прогонувани. Грците ги третираа нашите како Грци, Бугари или Славофони, зависно од конкретните цели што сакале да ги реализираат. Кога грчката буржоазија се погаѓаше со бугарската околу иселувањето, односно протерувањето на Македонците од Беломорска Македонија, таа ги третираше како Бугари. Кога требаше да ги побие територијалните претензии на Бугарија или Југославија, ги нарекуваше Славофони. Делот на Македонија кој падна под грчка власт беше наименуван како Северна Грција.Ако се споменело името Македонија тогаш се мислело на географски поим на чија териоторија живееле старите Македонци, третирајќи ги како составен дел на старите грчки племиња. Со цел етнички да се обезличи Македонија и македонскиот народ, грчките власти ги менуваа имињата на населби, планини и други географски категории. Во 1926 година грчката држава донесе закон со кој се променети сите македонски и турски имиња на реките, планините, градовите селата и се друго, со грчки имиња. По втората светска војна во која нашите се бореа рамо до рамо со грчките војници со надеж дека ќе извојуваат национална слобода, Грција спроведе најголема денационализација – протерување на 60 000 Македонци од Беломорска Македонија. Денес се сите распрскани во светот, истерани од своите родни огништа. Дали неправдите низ историјата ни стојат како превез на очите и денес во услови на слободна и самостојна држава да не можеме да тргнеме напред. Често пати се повикуваме на обединување, викаме да е вечна Македонија, никакви договори и преговори за промена на име... но како да се стори тоа, досега никој нема измислено формула за успех. Без разлика дали се Македонци од Беломорска Македонија, Пиринска, Вардарска, тој македонски дух и свест за национално опстојување, треба да не приближе како никогаш досега. Доста се делења по секоја основа. Не треба да не загрижува постоењето на државата. Македонија постои, туку како да ја сочуваме и справиме со наметнатите проблеми. Еднаш имаме своја држава и не смее да се дозволи и понатаму да ‘даваме‘ од своето. Напротив Македонија има право да поднесе барање за ревизија Букурешкиот договор, барање да се укини БЈРМ во ОН. Во Меѓународниот Суд на Правдата да се отвори прашањето за правичноста на Резолуција 47/225 (1993) на Генералното Собрание на Обединетите Нации со која се нанесе дискриманација со менување на Р. Македонија со БЈРМ.Доктор Игор Јанев (професор и научен советник на Институтот за политички студии во Белград го има правниот лек и спрема него , ‘Македонија при нејзиниот прием во ОН претставува грубо прекршување на Повелбата на ОН.‘ Колку се важни влегувањата во евроатланските структури – сигурно не по цена на промена на име, по цена на обезличување на македонскиот род. Гордана Димовска Австралија Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите |