|
Ако е по нешто препознатилива Македонија во последно време, поточно во оваа измината 2009 година тоа се секако новите жешки теми и дилеми од кои се изгради нов вокабулар во македонскиот речник. Со новите зборови се ‘опсесираа‘ македонците како во земјата така и во дијаспората.
Се чини како поздравот ‘Добро утро ‘ се замена со ‘Ќе го сменат ли името‘? Ако нешто се изнаслушавме и им влезе во глава на секој Македонец од мало до големо тоа се секако најжешките теми за 2009 година - Спорот со името, Барање на компромисно решение, Двојна формула, Антиквизација, предавниците, обединување!?? Македонскиот човек просто се опсесира со овие теми, весниците се изнапишаа колумни (ајде уште јас), радио и телевизиските програми целосно посветени на овие теми , чепнати од разни аспекти со разни гости се со цел да се изваде се на виделина, да се анализира, ‘да‘ или ‘не‘ анкети, да се дојде до некој заклучок, да се најде правилниот пат кон кој ќе треба да тргне Македонија. Како најжешка тема со која се занимва цела Македонија, вклучувајќи ја и македонската дијаспора е секако така наречениот Проблем со името! Зошто е проблем со името..ако сме прифатиле дека тоа е Проблем, значи треба да го решаваме – ‘ срамота на векот‘. Сега како да е распишан ‘Конкурс за ново име‘, се ставивме во ситуација да избираме ново име за нашата држава, по налог на јужниот сосед, по препорака на ЕУ со благослов од САД и до година да ни речат ‘Ај со здравје да си го носите новото име‘. До кога ќе дозволуваме да не гледаат ‘како мравка под лупа‘, како земја на која и е потребно ново име како услов за зачленување во ЕУ и НАТО. До кога ќе дозволуваме да се става под знак прашалник нашата државност, територија, суверенитет, интегритет, нашиот идентитет? Овојпат добро е да ни ги подотворат вратите и да се искористи тие средби, преговори во наша корист, за исправување на неправдите што и се нанесени на Македонија. Бурни времиња за Македонија, како и секогаш . Историјата се повторува а ние дозволуваме да ни се случи тоа што некој друг го режира од страна со помош на внатрешниот непријател. Страдаме ли од надвор или од сами себе? Сите ја знаат позадината на така наречените преговори за името, но никој не знае како да се излезе од тој ќорсокак, напротив , упорно се бара решение со што докажуваме дека навистина ни е потребно ново име. Името на нашата држава денес се користи како предмет на расправа од нас самите Македонци и со тоа како да ја зголемуваме нашата несигурност за тоа што сме, и како се викаме, се преиспитува оригиналноста на нашето потекло и историја. А нели сме горди на тоа свое историско минато,на нашиот духовен водач, црквата, на нашите револуционери на ВМРО, и со почит се поклонуваме на делата на нашите претци кои ни оставија огромно наследство. Но прашање е сега како да го сочуваме и што ќе им оставиме ние на нашите генерации ако се продолжи со бесмислените наметнати спорови и продажба на македонското име. Комунистите и југоносталгичарите во Македонија имаат брзопотезно решение и максимално се ангажираат да ја ‘продадат‘ Македонија и зачленат во ЕУ и НАТО, под било какво име. Кој повеќе ќе профитира занимавајќи се со оваа проблематика? Таа формула ја применуваат и на петтиот континент , комунизам во капитализам и девиза ‘Растури па истакни се‘. Тука на австралиско тло, во име на Македонија и за македонската кауза се формираат групи, здруженија, асоцијации со цел да приграбат што повеќе фондови од државата и да изградат имиџ на Активисти, на Лидери (без наследници), за себедокажување, крадење на успеси на други кои вистински се избориле да направат нешто за македонската заедница. Време е да се занимаваме со изнаоѓање начини за решавање на вистинските проблеми, не само формирање на организации без јасни цели, и непрофесионално работење, во кои никој не сака да влези. Наместо да се зачува чистината на македонскиот јазик, се исполнавме со колоквијал (нов австралиско македонски јазик), се слави католичкиот Божик на 25 Декември наместо православниот на 7 Јануари, се менуваат и сопствените имиња со англиски, за да бидат полесни за изговор. Додека некој плаче за Југославија, и се бори само за власт по секоја цена, Владата на Македонија е ставена во најтешка позиција, да одлучува за нешто наметнато и бесмислено. С е ‘фокусираат‘ на дискусии,средби, разговори, бледи изјави, и ветувања. Ставени пред нови , најтешки искушенија. Со надеж дека овојпат ќе се слушне гласот на народот од секаде во светот. Формулата за успех на нашата земја е во самите нас. Биди Македонец во вистинска смисла на зборот, почитувај,промовирај и брани ги македонските национални вредности кои се дел од нас и не претставуваат како Македонци, Македонија, Македонско. Македонија е земја -излеана од злато- со уникатна култура, традиција, обичаи, јазик и неоткриени убавини. Што уште ни треба? Работа и работа во секоја сфера на општеството.Не треба да не загрижува постоењето на државата туку наметнатите проблеми и способноста да се справиме со нив. Тие проблеми ја доведуваат Македонија до питачки стап и после ни доаѓа Европа на помош но со поставување на бесмислени услови за да не прими во семејството, безимени, обезличени. Се дури постои македонскиот дух и дури газеме на оваа земјина полутопка, ќе постои Македонија, Македонци, Македонско – Засекогаш. Гордана Димовска Мелбурн, Австралија |